30 март 2009

ЛАЖНИ ФАКТИ ЗА НАТО, ИЛИ – ШТО ТОА СЕ ОБИДУВААТ ДА НИ ПРОДАДАТ (2)

ЛАЖЕН ФАКТ: НАТО и по крајот на Студената војна има причина да постои.

НАТО беше формиран во времето на Студената војна. Откако западните сили извојуваа победа во Студената војна и откако беше расформиран Варшавскиот пакт, НАТО ја изгуби својата причина за постоење. Сосема оправдано беше да се очекува дека и НАТО ќе биде расформиран, но тоа не беше направено. Настана т.н. „криза на идентитетот“ на НАТО, односно немање визија зошто НАТО и понатаму би постоел. Бидејќи бизнисот со оружје е исклучително профитабилен бизнис, а постоењето на НАТО е важен фактор за стабилноста на овој пазар, компаниите од Западот успеаја да издејствуваат НАТО да не биде расформиран. Не безбедноста во светот, туку профитите на западната воената индустрија се причината зошто НАТО постои денес, и покрај крајот на Студената војна.

Војните кои постоеја и постојат по крајот на Студената војна можат и треба да бидат решавани преку системот на Обединетите Нации. И, се разбира, преку ширење на култура на мир, толеранција и соработка наместо политиката на употреба на сила и продавање на оружје. НАТО не само што не придонесува за мирот во светот, туку со своите активности (како нападот врз СР Југославија во 1999 година и учеството во окупацијата на Авганистан) е фактор кој ја потпалува војната и, дејствувајќи без одобрение на Советот на безбедност на ОН, ја поткопува улогата на ОН во промовирањето на мирот во светот.

ЛАЖЕН ФАКТ: НАТО е одбранбен сојуз.

НАТО беше формиран како одбранбен сојуз. Тоа јасно го кажува членот 5 од Договорот за НАТО. И покрај силните аргументи во прилог на расформирањето на НАТО, НАТО не беше расформиран. И не се остана само на тоа. Не само што НАТО не беше расформиран, туку тој почна да презема и офанзивни дејствија, кршејќи ја Повелбата на Обединетите Нации, па дури и својот сопствен основачки документ!

Имено, според членот 5 од Договорот за НАТО оваа организација презема единствено одбранбени дејствија. А ниту воените операции против СР Југославија, ниту оние против Авганистан можат да се подведат под категоријата одбранбени дејствија. Тоа беа категорично офанзивни и агресивни дејствија! И за да обезбедат каква-таква основа за таквите операции, ја измислија опскурната и вонправна формулација „не-член 5 операции“!

Моќниците на НАТО преферираат да ја одржуваат илузијата дека НАТО бил одбранбен сојуз, дури и по цена на кршење на сопствениот основачки документ, наместо чесно да признаат дека НАТО се претвори во офанзивна организација! Тоа го прават за полесно да ја пласираат својата пропаганда. Но, потребно е барем малку да се знаат фактите за НАТО за цела негова пропаганда да падне во вода.

ЛАЖЕН ФАКТ: Зачленувањето во НАТО ќе привлече странски инвестиции.

Често го слушаме овој аргумент. Земјата е во економска криза веќе две децении, разбирливо е сите да бараат начини како тоа да се поправи. И многупати до сега не лажеле со шарената приказна за странските инвестиции кои ќе ни ги решат сите проблеми. И економски и безбедносни. Зголемувањето на инвестициите зависи од повеќе фактори, од кои најголемиот број се далеку поважни од зачленувањето во НАТО. На пример, отстранувањето на корупцијата и решавањето на судските спорови во разумен рок ќе делува доста постимулативно од зачленувањето во НАТО. И ако целта е создавање поповолна клима за инвестирање, тогаш далеку поцелисходно е да се работи во насока на отстранување на корупцијата и овозможување на квалитетно и ефикасно правосудство отколку во насока на зачленување во НАТО. Зачленувањето во НАТО, само по себе, не значи странски инвестиции.

Во исто време, треба да се престане со мантрата за а приори благородноста на странските инвестиции. Прашањето е далеку покомплексно и не носат сите инвестиции напредок (да се потсетиме само на „благосостојбата“ која ни ја донесоа инвестициите во Окта и Сведмилк).

Фактот дека НАТО не е нужен фактор на благосостојбата може да ни го потврдат и примерите на европските земји како Швајцарија, Шведска, Финска, Австрија кои иако не се членки во НАТО имаат многу повисок стандард од нас. Добар пример од соседството е и Србија, која и покрај сите војни има повитална економија од нашата, дури и покрај фактот што беше во војна со НАТО.

Наспроти ова, не постои јасна поврзаност на напредокот на земјите кои скоро станаа членки на НАТО со нивниот економски напредок.

ЛАЖЕН ФАКТ: НАТО не е само воена организација.


Обично, за да ја ублажат критиката на НАТО и да дадат оправдување за неговото постоење и по крајот на Студената војна, неговите приврзаници тврдат дека НАТО не е само воен сојуз, туку и политички. Се вели дека НАТО е клуб на демократски земји, кои ја промовираат демократијата во светот. НАТО иако се претставува како промотор на демократијата во светот, им препорачува на земјите кандидати за членство да избегнат референдум за приклучување кон организацијата. Несомнено е дека во НАТО членуваат земји кои, според доминантното сфаќање на демократијата, се помеѓу најдемократските во светот. Но, тие земји не се демократски поради тоа што членуваат во НАТО! Членството во НАТО не придонесува за унапредување на демократијата во тие земји. Напротив, поради прелевањето на јавните приходи во ставката воени расходи наместо во ставката социјални програми и/или здравство, членството во НАТО ги оневозможува своите членки да бидат повеќе социјално одговорни. А што е демократско општество ако не делува во интерес на своите граѓани? Оваа забелешка особено ги погодува економски послабите членки на НАТО, бидејќи токму тие располагаат со помалку ресурси да им овозможат подобар живот на своите граѓани. Едноставно кажано, поради исполнувањето на фамозните НАТО стандарди за вооружување, многу граѓани на Македонија и понатаму ќе живеат во сиромаштија, бидејќи државата ќе ги троши парите за вооружување!

27 март 2009

ЛАЖНИ ФАКТИ ЗА НАТО, ИЛИ – ШТО ТОА СЕ ОБИДУВААТ ДА НИ ПРОДАДАТ (1)

Обична здраворазумска мудрост е дека не постои такво нешто што има само позитивни страни. Но, во Македонија, поради немањето јавна дебата околу членството во НАТО и околу потребата од негово понатамошно постоење и по крајот на Студената војна, се добива впечаток дека НАТО е без маана, дека нема никакви недостатоци и дека зачленувањето во НАТО е најнепроблематичната и најрационалната одлука што може да ја донесе нашата држава. При тоа се оперира со неколку клучни „вистини“ околу НАТО и нашето зачленување во него, кои, со надеж дека ќе поттикнеме јавна дебата во нашата земја, во продолжение критички ќе ги разгледаме.

ЛАЖЕН ФАКТ: Македонија ќе стане побезбедна со зачленувањето во НАТО.

Зачленувањето во НАТО е ирелевантно од гледна точка на безбедноста на Република Македонија. Врз основа на Договорот за НАТО (член 5), земјите членки се обврзани при „вооружен напад“ врз некоја земја членка воено да и’ помогнат на земјата членка која е нападната. Според генералното разбирање на оваа формулација, под вооружен напад не се подразбира внатрешна граѓанска војна во некоја земја членка, туку надворешен вооружен напад од трета земја.

Настрана од политиката на ширење неосновани стравови од страна на македонските националисти, на Македонија реално не и’ се заканува војна поради агресија од Грција, Бугарија, Србија, Албанија, па дури ни од Косово. Единствената реална опасност Македонија да биде изложена на воен судир е избувнување на меѓуетничка војна како резултат на влошувањето на меѓуетничките односи. А при таков случај, како што покажуваат примерите на Турција со Курдите и на Шпанија со Баскијците, НАТО нема мандат по автоматизам воено да интервенира. Затоа, наместо да се гаат има нереални очекувања дека зачленувањето на НАТО ќе ни обезбеди апсолутна обезбеденост од војна, треба да се работи на надминување на националистичките парадигми кај граѓаните со различна етничка припадност и на подобрување на меѓуетничките односи. Безбедноста на Македонија ќе се зголеми преку борба против национализмот, а не преку дополнителна милитаризација на земјата. Редно е да си погледнеме во сопствениот одраз и да си ја преземеме одговорноста за сопствените проблеми.

ЛАЖЕН ФАКТ: Влезот во НАТО е услов за зачленување во Европската Унија.

Естаблишментот во Македонија постојано зборува за таканаречените евроатлантски интеграции, наметнувајќи го убедувањето дека се работи за истородни процеси. НАТО е воена организација, ЕУ е политичко-економски сојуз на држави. Ниту тие се истородни, ниту пак членувањето во едната организација е услов за членувањето во другата. САД, Канада, Исланд, Норвешка, Турција се членки на НАТО, но не и на ЕУ. Од друга страна, Шведска, Финска, Австрија, Ирска, Малта, Кипар се членки на ЕУ без да бидат членки на НАТО.

Ако наместо празната пропаганда се увидат фактите, станува повеќе од јасно дека членството во НАТО и во ЕУ не се поклопуваат. Членството во ЕУ нема да донесе онолку брзо онолку благодети колку што убедува пропагандата на естаблишментот, но ако се сака Македонија да се зачлени во ЕУ мора да се разбере дека тоа зависи од исполнување на многу политички и економски критериуми, а не од претходното зачленување во НАТО. Без исполнување на тие критериуми Македонија нема да стане членка на ЕУ, па дури и ако стане членка на НАТО! И обратно, Македонија ќе стане членка на ЕУ ако ги исполни потребните политички и економски критериуми, дури и ако не биде членка на НАТО! Поврзувањето на европската и атлантската интеграција е чиста пропаганда на естаблишментот кој сака желбата за зачленување во ЕУ да ја искористи да го протурка далеку попроблематичното зачленување во НАТО.

ЛАЖЕН ФАКТ: Учеството во „мировната мисија“ во Авганистан (и претходно во Ирак) е услов за зачленување во НАТО.

Исто како што нè лажат дека зачленувањето во ЕУ налага зачленување во НАТО, нè лажат дека зачленувањето во НАТО налага учество во „мировните мисии“ на НАТО како Авганистан (и претходно Ирак). И така, граѓаните што сакаат Македонија да се зачлени во ЕУ погрешно се наведени да го поддржуваат и НАТО и дубиозните мисии во Авганистан и Ирак.

Военото вмешување во Ирак и во Авганистан на државите предводени од САД не може да се подведе под категоријата мировни мисии, бидејќи мировните мисии не подразбираат отпочнување војни, туку воспоставување мир по избувнат конфликт, не подразбираат да се биде една од страните на конфликтот, туку неутрално раздвојување на страните на конфликтот. И во Ирак и во Авганистан „мировниците“ ја почнаа војната и се една од завојуваните страни. На Македонија ниту ирачкиот ниту авганистанскиот народ не и имаат нанесено зло за таа да се смета повикана да учествува во нивна окупација. Учеството во окупацијата на Авганистан значи: прво, непотребно ризикување на животот на македонските војници за туѓи интереси; второ, претворање на Република Македонија во мета за возвраќање на исламски милитантни групи; трето, нерационално трошење пари во услови на економска криза (наместо нивно искористување за отворање нови работни места); и четврто, не го гарантира зачленувањето во НАТО. Како што покажа Самитот во Букурешт, Република Македонија не доби покана и покрај тоа што учествуваше во окупацијата на Ирак и Авганистан. Срамота, а не гордост е да се учествува во окупацијата на Авганистан!

26 март 2009

60 ГОДИНИ НАТО Е ДОСТА! РАСФОРМИРАЈТЕ ГО!

На 3 и 4 април 2009, шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО ќе се состанат во Баден-Баден, Кел и Стразбур за да го прослават 60-тиот роденден на НАТО. Ние сметаме дека 60-годишнината на НАТО е причина за протест, а не за прослава!

Од своето оснoвање во 1949 година до денес, НАТО ја играше својата ролја на бранител на таканаречениот слободен Запад од наводна закана од Советскиот Сојуз и неговите сојузници. Доколку ова беше вистинската улога на НАТО, тој сосем природно ќе се распуштеше во 1991 година, кога и се распадна Варшавскиот пакт. Бидејќи тоа не се случи, ние сосем оправдано прашуваме и се обидуваме да ја откриеме вистинската причина за неговото постоење во денешниот свет.

За што се залага НАТО денес:
- Глобални воени интервенции, во моментов преку примерот на Косово и Авганистан, со операции во Медитеранот и тренинг мисија за полиција и војска во Ирак;
- Нелегално складирање нуклеарно оружје во Европа и инсистирање на политиката на прв нуклеарен удар;
- Непочитување на меѓународното право, преку бомбардирањето на Југославија во 1999 и генерално, преку опцијата да започнува војни и без мандат на ООН (самоавторизација од НАТО);
- Структурно насилство: трошоците за вооружување на сите земји членки на НАТО достигнуваат до 70% од вкупните светски воени трошоци.

Накратко: според нас, НАТО постои само за да одржува глобална статус кво ситуација, да даде воена поддршка и обезбедување на западната империјалистичка економска политика и хегемонистички интереси, кое како последица предизвикува брутална експлоатација на народите од Глобалниот Југ. Во услови на светска економска криза, улогата на глобална железна тупаница станува уште позначајна.

НАТО е единствена меѓународна воена сила која не е под демократски и правен надзор. Како таква ги толерираше многубројните нелегални меѓународни потези на САД, од кои најпознати се давањето на помош на воените диктатури во Латинска Америка од 50-тите до 80-тите години на 20-тиот век. Тоа покажува дека НАТО е непринципиелна организација која не посредува секаде каде има кршење на човековите прави или геноцид, туку дека делува во областите на свој интерес, т.е. нема некој хуманистички мотив за делување (нешто што редовно се истакнува од официјални лица на НАТО).
Еден добар пример изнесува Андреас Цумах (дописник на водечките германски весници од седиштето на ОН): “Во документот на НАТО МЦ 327, усвоен на крајот на 1993 година, се вели дека НАТО ќе посредува според согласноста на Советот на безбедност на ОН, само во оние региони и судири каде што земјите членки на НАТО имаат сопствени интереси. Затоа што такви интереси немаше во врска со Руанда 1994 година, НАТО мирно го проследи геноцидот на 800.000 луѓе (Andreas Zumach, Die Neue NATO, 2000).

Се покажа дека НАТО и неговите членки се користат со лаги и манипулации за време на т.н. воени посредувања, со цел да ги прикријат злосторствата кои ги прават, како што се нападите на цивилни установи и цивилна инфраструктура (телевизии, патишта, енергетски објекти, фабрики...), како и тоа дека користат оружје со осиромашен ураниум. Тоа го потврдува и признанието на италијанската влада, која одлучи да плати оштета на околу петстотини италијански војници заболени од леукемија (имаат т.н. „Балкански синдром“), затоа што биле изложени на радијација во Босна и Херцеговина.

Тука треба да се посочи дека со новата воена политика на НАТО, на земјите членки им се дозволува во случај на “загрозеност“ да нападнат со нуклеарно оружје! Овде не се работи за одговор на опасност при евентуален напад, туку за користење на нуклеарно оружје во превентивни цели. Посебно се нагласува можноста за употреба на нуклеарно оружје против земји кои не поседуваат такво оружје. Така на НАТО документите НЦ-400/2, следуваше таен извештај кој Пентагон на 09.01.2002 и го предаде на Белата куќа и на Конгресот, а во кој му се препорачува на Претседателот на САД развој на мали нуклеарни бомби од неколку килотони, наменети за прецизна употреба во конвенционални судири со државите од Третиот свет. Таквата политика води кон нов бран на развој и ширење на нуклеарното оружје (објавено во New York Times 11.03.2002).

12 март 2009

Зошто антинато-блог?

Ова е блог на коалицијата „НАТО доста е!“ која организира серија активности со кои ќе го искажеме нашето спротивставување на постоењето на воената алијанса. По повод шеесетиот роденден на пактот предвидени се дебати, пресконференции, соопштенија, плакати, флаери, концерти и како завршница еден протест во центарот на Скопје.
На овој блог ќе бидат објавувани сите материјали што ќе произлезат од активностите.

АНТИМИЛИТАРИЗАМ

Мирот и безбедноста не се постигнуваат со привилегирање на воените структури, складирање и купување на ново и модерно оружје, ниту со членство во НАТО. Сопствената политика во најголема мерка го утврдува степенот на безбедноста на граѓаните и на целата заедница во дадениот простор. Политиката која се заснова врз дијалогот, врз изградбата на културата на мирот, договорот и соработката, пред се со првите соседи, го прави најдобриот можен начин на создавање на мир и сигурност. Политиката на „трка во вооружување“ и “рамнотежа на стравот“ помеѓу спротивставените страни е погубен модел кој што не придонесува за осигурување на мирот, туку претставува опасност за целата планета.

Македонија би можела да оствари непроценлив придонес кон мирот во регионот преку давање на сопствен пример избирајќи го патот на демилитаризацијата и изградба на комуникација и доверба со соседните земји.

РЕФЕРЕНДУМ

Зачленувањето во НАТО претставува стапување во сојуз со други држави и како такво за него важи членот 120 од Уставот на Република Македонија, кој налага задолжителен референдум околу тоа прашање. При тоа, бараме да се овозможи македонските граѓани да бидат квалитетно информирани околу тоа што е НАТО, што значи влегување во воен пакт, колку тоа чини, за што служи, до што може да доведе.

СОЗДАВАЊЕ НА МРЕЖА/ДВИЖЕЊЕ

Сакаме да изградиме и афирмираме независно граѓанско движење, во јавноста јасно препознатливо како противтежа на милитаристичкиот однос кон поимите сигурност и безбедност. Движење кое ќе има кредибилитет, влијание и сила на аргументите во своите заложби за политика на мир и изградба на праведно општество.
Движењето е отворено за поединци/ки од институциите, синдикатите, политичките партии, невладините организации, неформалните групи и сите останати кои ги делат вредностите околу кои се соединивме.

од сајтовите на партнерите